• Горан Упале
Ракометарите на Вардар, синоќа извојуваа тешка, но многу значајна победа против шведскиот претставник во Лигата на шампионите, Кристијанштад. Со оваа победа момците на Гонзалез останаа во игра за повисоко место во осминафиналето, додека поразената екипа драстинчо ги намали шансите за понатамошен пласман, бидејќи е претпоследно пласирана, со само пет освоени бода.
Тренер на Кристијанштад, Ола Линдгрен, по завршувањето на натпреварот изјави дека е среќен што неговиот напад беше на висината на задачата, но воедно и разочаран што неговата одбрана потполно потфрли:
„Имаше одлична атмосфера во арената во еден фер и брз натпревар. Постигнавме 36 гола што е одлично за нашиот напад, но имавме многу проблеми во одбраната, особено во ситуациите еден на еден, не можевме да ги сопреме. Сепак она што е важно се боревме 60 минути, притискавме постојано и задоволен сум што покажавме многу добар контранапад, но Вардар постојано го имаше натпреварот“.
Играчот на шведскиот тим, Иман Џамали додаде дека Вардар е еден од најдобрите тимови во Европа, особено кога игра во преполнетата арена:
„Мислам дека Вардар е еден од најдобрите тимови во Европа, особено кога игра дома, има одлична атмосфера, но и покрај тоа ние прикажавме одличен натпревар. Сепак, треба да се подобриме многу во одбраната. Загубивме во последните две минути, слично како и на последните неколку натпревари и затоа важно е да стекнеме уште многу искуство во Лигата на шампионите“.
Вардар во следното коло ќе го одигра можеби најважниот меч за овој дел од натпреварувањето, кога му гостува на ПИК Сегед, а Кристијанштад на домашен терен го пречекува првопласираниот тим на Барселона.