ВИДЕО: Лидерот првпат не победи, Пелистер испушти триумф во битолското дерби

Повеќе од 2.000 гледачи во спортската сала „Боро Чурлевски“ се собраа да го следат второто битолско дерби сезонава, во кое на хартија домаќин беше Еурофарм Работник. По многу перипетии, дуелот заврши без победник 24-24 (10-9) со што лидерот првпат не победи сезонава. Пелистер настапи ослабен, без казнетите и повредени Рајчиќ, Иван Димитровски и Митревски, а и Еурофарм не можеше да смета на Никола Марковски и Горан Кузманоски.

Дуелот започна израмнето и со три изедначувања. Следуваа два гола на Филип Кузмановски и еден на Ѓукиќ за 6-3 во 11. минута. Но, комбинаторната игра и седмерците на Поповиќ го вратија Пелистер до 7-6 во 18. минута.

Следеа технички грешки, одбрани на Чаневски и Плех и тајм-аут на Чирковиќ при 10-8 на четири минути до одморот. Финишот на првиот дел подобро го одиграа „зелените“ и Поповиќ погоди за 10-9 на полувреме. 

Пелистер подобро го започна вториот дел, „сино-црните“ повеќе грешеа, па Поповиќ и Лековиќ во 35. минута донесоа прво гостинско водство (12-13). Одбраните беа поцврсти, ефтините грешки подобро ги искористија домаќините и Кузмановски, Ѓукиќ и Ојлески со серија 3-0 го свртеа резултатот (18-16). 

Борјан Маџовски постигна два гол низ одбраната на Еурофарм Работник и Пелистер поведе со 19-20 за тајм-аут на Чирковиќ во 50. минута. Реагираа Ојлески и Кузмановски и при 21-21 се огласи Јошко Петковиќ и повика минута одмор. Дрогришки даде два гола, еден со ракометар помалку и на две минути до крајот, Пелистер поведе со 23-24. Следеа два неуспешни напади, па Трајковски го спаси Еурофарм па Кузмановски од седмерец на десет секунди до крајот ги постави финалните 24-24. 

Најефикасни во таборот на Еурофарм Работник беа Кузмановски со шест и Ѓукиќ со пет гола, а кај Пелистер се истакна Поповиќ со пет гола. В петок „фармацевтите“ патуваат за Берн, каде в недела го играат возвратниот натпревар од третото коло на ЕХФ Купот против Берн Мури, а за време а викендот пелистерци гостуваат кај Пролет.