• Горан Упале

Инцидентот кој што го предизвикаа навивачките групи на Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер е главна тема не само кај македонската јавност, туку и пошироко. Речиси и да нема балкански спортски медиум кој што не го пренесе хаосот на првото овосезонско ракометно дерби во плеј-офот на Суперлигата.
За немилиот настан во салата „Јане Сандански“, за словенечки „Спортклуб“ коментираше голманот на Еурофарм Пелистер, Урбан Лесјак, кој го извлече најдебелиот крај, бидејќи од страна на „Комитите“ беше плукан и погоден со паричка.
„Уште пред натпреварот се зборуваше дека има одредени проблеми со навивачите на овие дерби натпревари, но дека полицијата се обидува тоа да го минимизира. Очигледно не им успеа.
Претресот на навивачите беше очигледно лош, бидејќи имаше многу пиротехнички средства во салата. Почетокот на натпреварот беше прилично нормален, но вардаровите навивачи не избраа многу убави зборови кон анас. Но, кога нашите навивачи влегоа во салата, тензијата експлодира и имаше инциденти.
Јас им бев во првиот ред, бидејќи мојот гол беше под трибините каде што беа „Комитите“. Пред натпреварот ме плукаа, а ме удрија и со паричка“, ги преживува непријатните моменти голманот на пелистерци.
На крај на победа се радуваа вардаровите фанови, бидејќи избраниците на Владо Недановски славеа со убедливи 31-24. Втората пресметка меѓу „вечните“ ривали треба да се одигра на почеток на мај во Битола.