• Сашо Поповски

Екипата на Еурофарм Пелистер е победник на јубилејното педесетто издание на Меѓународниот турнир во Струга. Во денешното финале, македонскиот претставник беше подобар од Целје Пивоварна Лашко по шутирањето пенали (7-6). Натпреварот беше прекинат поради лошото време и лизгавиот терен. Заради можноста да дојде до несакани повреди, организаторот одлучи да се шутираат десет серии пенали за да се добие победникот. До прекинот резултатот гласеше 3-4 за Словенците и напад за пелистерци.
Битолчани први поведоа, но потоа направија неколку грешки и го препуштија водството на противникот. Следуваа проблеми со времето, лизгавата подлога и големиор ризик од повреди, фактори кои предизвикаа прекин на финалето. По долга пауза, организаторот на турнирот во консултација со двата тима одлучи победникот да се решава со шутирање пенали. Голманите добија клучна улога и беа во центарот на вниманието на навивачите, кои негодуваа на начинот на кој што беше одлучено да заврши турнирот.
Прв погоди Дејвис за пелистерци, а Цока промаши на спротивната страна во првата серија. Капитенот Радовиќ беше сигурен за македонскиот тим, реализираа и Ојлески, Кузмановски, Ѓорговски, но промаши Васиљев и го врати Целје во игра за победата. Но, Лесјак одбрани уште два пенали и обезбеди клучна предност и победа за Еурофарм Пелистер.
Ова е тринаесетта титула за пелистерци, кои на вечната листа се изедначија со Вардар 1961.