Лембанов: Пролет тргна како што посакувавме, а во иднина ќе го кренеме нивото

Ракометарите на Пролет тргнаа во новата суперлигашка сезона со победи над Вардар Неготино и Прилеп. Ако со неготинчани лесно изглегоа на крај, ситуацијата беше поинаква против прилепчани и скопјани славеа во понеизвесен дуел. Анализа на досега одиграното направи тренерот Алексо Лембанов, во разговор за клупскиот веб-сајт.

„Стартот е токму онаков каков што го посакувавме, тие први две средби беа зацртани како дуели на кои мора да се забележат победи и ние го остваривме тоа. Генерално сум задоволен од работата и од залагањето, на тренинзите и на натпреварите. Она што ме радува е што играме со поширок ростер, со доста измени во текот на натпреварот и го одржуваме темпото што го посакуваме. Играчите кои ги доведовме летово добро се адаптираат и ни помагаат да имаме што помалку замени во фазите напад - одбрана, што е многу важно за нас. Верувам дека играта ќе се крене на уште повисоко ниво како што ќе одминува времето, бидејќи имаме квалитетен тим во кој гледам простор за напредок“, изјави Лембанов.

Предводникот на Пролет го анализира посебно дуелот со Прилеп, во кој тимот иако влезе добро, дојде до мала неизвесност во вториот дел.

„Мислам дека дојде до мало опуштање во нашите редови, што тимот на Прилеп знаеше како да го искористи. Потоа влеговме во мала нервоза и направивме неколку грешки, извесен период се играше „егал“, но начинот на кој реагиравме во завршницата и на крајот славевме со пет гола разлика доволно го отсликува нашиот квалитет. Секако, ќе извлечеме поука за вакви опуштања и осцилации во играта да нема во иднина“, заврши тренерот на Пролет.

Следниот предизвик ќе биде најсериозен досега за Пролет, в сабота против екипата на Вардар.