Лембанов ги построи ракометарите, Пролет означи старт на подготовките

Младиот ракометен стратег Алексо Лембанов го одржа првиот тренинг во 2022 година, со што беше означен стартот на подготовките за вториот дел од сезоната. Откако клубот се реши да му ја довери довербата на поранешниот асистент на Бошковски, Лембанов ги построи ракометарите и им ја претстави програмата за зимските подготовки. 

„Амбициите на Пролет остануваат исти, пласман во плејо-фот од домашното првенство, а кај сите во играчкиот кадар, стручниот штаб и во управата постои оптимизам дека кризата од крајот на 2021 година ќе биде надмината и во 2022 ќе се влезе во серија добри игри со кои ќе се обезбеди влез во Топ шест од мак-ракометот“, велат од редовите на Пролет.

Покрај Лембанов, на првиот собир беше присутен и Илија Темелковски, кој по неколку години пауза се враќа во клубот. Традиционално, на играчите на првиот тренинг им се обрати и претседателот на клубот, Душко Кадиевски, изразувајќи им поддршка во обидот да се остварат зацртаните цели.

Тинекс Пролет целите зимски подготовки ќе ги мине во Скопје, каде ќе се тренира по двапати дневно, сè со цел да се подобри физичката подготвеност на ракометарите.