• Горан Упале

Во таборот на Тинекс Пролет очекувано владее разочарување по слабото издание на гостувањето против Радовиш, меч на кој со примен гол во последната секунда скопскиот тим остана без победа и освои само еден бод.
Стратегот на тимот од „Македонско Сонце“, Алексо Лембанов спортски ја презеде одговорноста за лошата претстава на неговите избраници и ремито во Радовиш.
„Мислам дека со она што го прикажавме во Радовиш не заслуживме да стигнеме до победата. Од прв до последен, почнувајќи од мене како тренер, предвреме ги запишавме бодовите, верувавме дека лесно ќе се справиме, а Радовиш го искористи тоа и со храбра игра стигна до реми. На домаќините им честитам, а нам ни останува многу работа за да го поправиме она што го покажавме на последниот дуел.
Навистина, имавме предност во последната минута, но со прикажаното во текот на целиот меч не заслуживме триумф. Како шеф на стручниот штаб целосно ја преземам одговорноста за овој неуспех, за кој верувам дека нема да се повтори и дека во иднина максимално фокусирано и ангажирано ќе ги одиграме сите натпревари“, изјави тренерот Лембанов.
По три одиграни кола Пролет има две победи и реми и ја дели првата позиција со битолски Еурофарм Пелистер.