Лембанов: Амбициите секогаш ни се на највисоко ниво, сакаме двојна титула 

Во отсуство на дури единаесет ракометари и новиот тренер Стевче Алушовски, македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер денеска означи старт на зимските подготовки, а помошникот тренер на „зелено-белите“, Алексо Лембанов, го претстави планот на подготовки на тимот.

„Подготовките ги започнуваме со драстично намален ростер, поради големиот број на репрезентативци кои ќе настапат на ЕП. Ќе работиме на секој аспект од ракометната игра. Нормално, во овој почетен период ќе ставиме акцент на физичката подготвеност. Ќе работиме во помали групи, а ќе ни се приклучат неколку играчи од младинскиот погон на клубот, кои ќе може да ни помогнат во тренажниот процес. Кога ќе дојде Алушовски ќе се дефинираат плановите околу пријателските натпревари. 

Кога ги браниш боите на Пелистер, амбициите се на највисоко ниво. Нашите желби се конечно да дојдеме до таа двојна титула. Во првиот дел од сезоната видовме дека меѓусебните дуели можеби нема да бидат одлучувачки за кој ќе биде шампион, бидејќи постојат уште доста многу тешки натпревари. Пак ќе речам, добро е што ние ќе атакуваме на двете титули и добро е што сè зависи од нас“, рече Лембанов.

Првиот официјален натпревар во Суперлигата Еурофарм Пелистер ќе го одигра на 7 февруари против Еурофарм Пелистер 2. Лигата на шампионите продолжува на 19 февруари со домашниот дуел со Висла Плоцк.