ОФИЦИЈАЛНО: Амандин Лејно си заминува од Вардар и се сели во Ѓер

Амандин Лејно, голманката на ЖРК Вардар, ќе ја напушти Македонија на крајот од сезоната за да застане на голот на актуелниот европски првак Ѓер.

Договорот на 31-годишната Французинка завршува во јуни наредната година, но одлуката на вардарки да ги распуштат своите најголеми ѕвезди на крајот од сезоната ја натера да бара нов клуб. Светската шампионка со Франција потпиша договор на една година со опција истиот да биде продолжен уште една сезона.

„За мене Ѓер е најголемиот клуб во историјата на женскиот ракомет. Секој би сакал да настапува таму со такви соиграчи. Имам голема шанса и предизвик пред мене и многу сум среќна заради тоа“ , изјави Лејно за клупската страница на унгарскиот шампион.

Лејно ги брани боите на Вардар од 2013 година, а претходно настапуваше во екипите на Валчеа и Мец. Ѓер од следната сезона ќе биде посилен и за Норвежанките Вероника Кристијансен и Кари Братсет.