Л'Екип: Мерси Лазаров! Македонија се „пресоблече“ во Франција!

Франција од синоќа ја слави Македонија, барем во спортска смисла. Ремито на македонската репрезентација со Норвешка, донесе мала, но можеби многу значајна предност за селекцијата на Франција пред утрешниот клучен меч за полуфинале на европскиот првак против Норвешка.

Имено, ако Норвешка забележеше победа над Лазаров и другарите, тогаш Франција ќе мораше да брка победа од 4-5 гола разлика. Сега со ремито кое ние го извлековме, секоја обична победа на момците на Онеста, макар и со гол разлика, ја води Франција меѓу четирите најдобри.

Престижниот француски дневен спортски весник „Л'Екип“ пишува:

„Мерси Лазаров за твоите 11 гола на мечот против Норвешка. Македонија се „пресоблече“ во Франција и одигра многу добар натпревар против Норвешка“.

Весникот потенцира дека Балканците (се мисли на Македонија) гинеле за секоја топка и со тоа покажале како се игра за својата земја.