Лекиќ: Вардар остана моја љубов, а сега сакам историја со Ференцварош

Екипата на Ференцварош ќе дебитира на завршниот турнир во женската Лига на шампиони во ракомет. Гордоста на Будимпешта на свој паркет, во „МВМ Дом“ пред огромен број домашни навивачи ќе се обиде да направи подвиг. 

Андреа Лекиќ се враќа на „фајнал-фор“ турнирот, испишувајќи историја со Ференцварош. Во пресрет на полуфиналето, во разговор за Gol.mk српската ракометарка го анализира пласманот. Лекиќ не можеше, а да не се присети и на ЖРК Вардар, настапите во Унгарија со македонскиот колектив и направи паралела со Ференцварош.

„Има разлика од првиот настап на „фајнал-фор“ и сега. Дефинитивно човек станува поблагодарен за шансата кога човек неколку години нема да е тука, па ќе се врати. Како што со Вардар пишував историја, слична е приказната и сега со Ференцварош. Ова за мене е ново убаво искуство. 

Има сличности на оваа приказна со вардаровата. Сепак, во Скопје минав пет незаборавни години и тоа е една моја љубов не може да се споредува. Различно сега е тоа што играме во нашиот град, па ќе имаме неверојатна поддршка, што ме радува. Навивачите се слични, како и тие на ЖРК Вардар. Фановите на Ференцварош се доста гласни. Разликата е можеби во тоа што под името Ференцварош има навистина многу клубови, па веројатно фан базата е поголема. Да се игра ракомет во земја каде што женскиот ракомет е толку ценет е задоволство“, изјави српската ракометарка.

Лекиќ зборуваше и за фаворитската улога на турнирот. Според неа, во полна сала е сè можно, особено бидејќи знае како е да се игра од другата страна како гостин во Унгарија. 

„Како што кажав, да играш во својот град е чест. Слушнавме дека ќе има околу 20.000 навивачи, од кои најголем број ќе бидат наши, а тоа е голем импулс. Се надевам дека тоа ќе се види на теренот, иако е обврска да ги испочитуваме. Сепак, против Есбјерг нема да биде лесно. Знам, играв со Вардар тука во полна сала со „зелени“ навивачи, па навистина не е сеедно“, заврши Лекиќ.

Покрај Лекиќ во редовите на Ференцварош настапува и поранешната вардарка Драгана Цвијиќ. Двете српски ракометарки ќе се обидат да ја продлабочат историската сезона на тимот од Будимпешта. Лекиќ се враќа на „фајнал-фор“ турнирот првпат по второто загубено финале во дресот на ЖРК Вардар. Две сезони во низа српската ракометарка беше сребрена со „црвено-црните“ во 2017 и 2018 година, а сега на 35 години по пауза од пет, пак ќе игра во Будимпешта.