Лекиќ, Радичевиќ и Цвијиќ почнаа со шок пораз, ЦСМ Букурешт загуби од Валчеа во Суперкупот

Тимот на Рамницу Валчеа изненадувачки славеше над фаворизираниот и засилен ЦСМ Букурешт по продолженија со 31-33 и го освои трофејот во романскиот Суперкуп.

Поранешните вардарки Андреа Лекиќ, Јованка Радичевиќ, Драгана Цвијиќ и Барбара Лазовиќ заедно со Кристина Неагу беа најдобри на теренот, но тоа на крајот не им донесе резултат.

Валчеа водеше од стартот на мечот, на пауза замина со предност од 10-12, а во вториот дел ЦСМ се врати во игра, имаше и +2, но не издржа до крај и мечот мораше да оди во продолженија.

Таму, Валчеа имаше водство 30-31, Радичевиќ го анулираше за 31-31, но нејзините колешки двапати погрешија, противникот казни преку Фернандез и Глибко и мечот заврши 31-33. 

Радичевиќ даде шест гола, Лекиќ седум, а Лазовиќ три за ЦСМ Букурешт, додека на спротивната страна исто така поранешната вардарка Марија Петровиќ постигна четири погодоци.