Лекција за Вујовиќ, брзата Македонија го декласира фаворитот Катар!

Најдобро мундијалско издание кога најмногу требаше! Македонската ракометна репрезентација ја запиша втората победа на Светското првенство, прва во главната групна фаза. Со лекција по модерен ракомет ја совладаваме репрезентацијата на Катар, водена од Веселин Вујовиќ со 39-34 (21-17).

Лазаров изврши една замена и го врати Јагуриновски во ростерот, а Вујовиќ менуваше три ракометари од тимот кој загуби од Холандија. Дуелот започна со брза игра и многу голови, а Митев двапати погоди во раната фаза. Полека се разиграа сите наши ракометари и поведоавме со три гола разлика во седмата минута (6-3). На головите на Лазаревски возврати Жарко Марковиќ, најсикусниот катарски ракометар. 

Марзо и Хеиба постигнаа два неодговорени голови и Катар израмни во 13. минута. Сепак, Костески од позиција на десно крило и Кузмановски на празен гол ја вратија нашата предност (11-10). Нашиот ритам полека ги излудуваше ривалите и по головите на Пешевски и Стојковиќ, Веселеин Вујовиќ повика тајм-аут при 13-11. Следеа две одбрани на Кизиќ и голови на капитенот Кузмановски, на повратникот Томислав Јагуриновски и на Ненад Костески после контра за +4 во 23. минута. 

Нашата млади брза „машина“ продолжи да „меле“. Серафимов изнуди исклучување, Кизиќ одбрани две топки, а Џонов донесе највисоки пет разлика на пет минути до одморот. Со најефикасниот прв дел на шампионатот Македонија на одмор замина со 21-17.

Вториот дел почна со серија на грешки, но пак силен интензитет, наметнат од наша страна. Јусуф Али ја преполови нашата предноста на 22-20, но возвратија леваците Велковски и Костески за +4 во 36. минута. Во 40. минута Марко Стојковиќ заработи директен црвен картон, заради прекршок во главата на противнички ракометар. Марзо ја одржуваше катарската репрезентација блиску до нашата и со десет гола за едно ипол полувреме беше најефикасен на натпреварот. 

Разнорвската колективна игра на македонската селекција имаше решение за секоја индивидуалност на африканскиот ривал. Амине Гитис грубо стартуваше врз Џонов и доби директен црвен картон од шпанските судии Гарсија и Љоренте во 46. минута. Следеа голови на нашите пивотмени Пешевски и Маркоски за +5 и минута одмор за Вујовиќ. Нашиот силен ритам ги принуди ривалите на технички грешки, а Пешевски со два гола донесе највисоки шест разлика. Вујовиќ се обиде со „седум на шест“, но Македонија без драми го приведе натпреварот кон крај и славеше со 39-34.

Најефикасни во македонската селекција се Кузмановски и Пешевски со по шест и Митев со пет погодоци, а кај Катар се истакна Марзо со дванаеесет гола. Во последното трето коло во гласвната групна фаза Македонија ќе сретне со европскиот првак Франција, а Унгарија е противникот на катарската селекција.