• Мартин Танасковски

Француската голманка Амандин Лејно замина во ракометна пензија. Како ракометарка на Ѓер, таа реши да се повлече од ракометот на 36-годишна возраст. Во интервју за унгарски „Немзети Спорт“, Лејно говореше за кариерата во која беше дел и од ЖРК Вардар.
Една од најдобрите голманки на светот во Скопје беше од 2013 до 2018 година. Остави голема трага во мак-ракометот, а најголема вина за тоа има Сергеј Самсоненко кој како сопственик направил сѐ за да ја убеди да заигра во редовите на вардарки.
„Кога се оперирав во септември, Вардар ме контактира за договор. Во тоа време сакав да се фокусирам само да заздравам, но почнаа проблемите со платите во Романија, посебно за повредените ракометарки. Во меѓувреме, Вардар не се откажа од моите услуги и пак се јави. Немаше топ-ѕвезди од странство во тоа време, јас ќе бев првата ако прифатев. Такви проекти сите ги гледаат на старт со доза на неверување. Исто така се сетив и на последното Европско првенство во Македонија кое беше најлошо искуство во мојот живот. Во февруари рускиот газда Сергеј Самсоненко дојде со автомобил од Скопје до Париз за мене, а можеше да летне со приватниот авион. Разговаравме пет часа и ја прифатив понудата откако точно ми ги презентира неговите планови.
Кога тргнав за Скопје и влегов во авионот, уште не ми се веруваше што правам. Пристигнав ноќе, а таксистот ми покажа продавница од француски ланец во која може да си купувам намирници. Бев многу среќна што го видов тоа. Ме дочека и медитеранска клима. Брзо се заљубив во Скопје, град кој е убав за живеење и покрај големината. Потоа дојдоа и соиграчките и брзо се здруживме. Често одевме на кафе. Таму го поминав најубавиот период во мојата кариера“, изјави Лејно.
Лејно беше дел од „дрим-тимот“ на ЖРК Вардар кој играше на Ф4-турнирот секоја година во Лигата на шампионите, но никогаш не успеа да го наследи Кометал ЃП и да стане европски шампион.