• Мартин Танасковски
Унгарскиот ракометен великан Ѓер успеа да слави над Есбјерг (32-27) и повторно ќе игра за европскиот трон во женската ракометна Лига на шампиони.
Третиот најтрофеен клуб во Европа до посакуваната победа дојде во второто полувреме кога тимот на Мартин почна да влегува од серија во серија. На паузата резултатот беше изедначен 15-15, па почна доминацијата на Ѓер за прво финале во елитата по 2019 година и напад на шестата европска титула.
Есбјерг почна да греши на стартот на второто полувреме, па Фодор и Фалувеги донесоа „плус два“ за унгарскиот тим (17-15). Потоа, голманките Солберг и Лејно влегоа во ритам кога беше најпотребно и фатија три топки, па Ѓер замина на 24-20 и беше полесно да се игра. Во последните петнаесет минути Есбјерг цело време бркаше резултат, но Лејно и Солберг пак застанаа на патот на ривалот.
Најдобра кај победникот беше Офтедал со пет гола, пред Фодор и Блом со по четири реализации. Амандин Лејно мечот го заврши со седум одбрани, додека Солберг собра единаесет. Кај Есбјерг, Реистад имаше осум гола, додека Инштад реализира пет пати.
Ѓер во финалето на Лигата на шампионите ќе игра против Мец или бранителот на титулата Виперс Кристијансанд.