Легендата се враќа во Вардар: Освојувач на ЛШ ќе ги води „црвено-црните“?

Македонскиот суперлигаш Вардар 1961 подготовките за новата сезона ќе ги започне со нов тренер. Раководството на клубот наскоро треба да го потврди заминувањето на аргентинскиот стратег Гиљермо Милано, кој иако пред само еден месец потпиша продолжување на договорот, ќе го напушти Вардар 1961 ова лето. 

Загубената титула среде преполни трибини и фантастична атмосфера во СЦ „Јане Сандански“ се чини беше главниот фактор што Милано нема да продолжи со Вардар 1961, иако тимот под негово водство пред само две седмици ги совлада Алкалоид и Еурофарм Пелистер и го освои Купот на Македонија

Челните лица на најтрофејниот македонски клуб веќе имаат планови кому да ја предадат тренерската палка, а според сознанијата на Gol.mk моментално прв фаворит за нов тренер на Вардар е легендарниот Иван Чупиќ. Хрватскиот ас по завршувањето на богатата кариера, со која двапати беше шампион на Европа со Вардар, веднаш заплива во тренерските води. Во јануари го презеде Метковиќ, клубот од својот роден град и успеа да ја оствари зацртаната цел – опстанок во хрватската елита. 

Инаку, 39-годишниот Чупиќ е една од најголемите легенди на Вардар, чиј дрес го носеше од 2016 до 2021 година и со кој ги освои двете европски титули на „црвено-белите“. Неговата професионалност, но и посветеност и ракометно знаење сигурно ќе донесе позитивни нешта во таборот на Вардар 1961, кој за новата сезона веќе има договорено неколку сериозни засилувања.