Легендата на египетскиот ракомет ќе го брани голот на Охрид!

Недостига само уште едно „парче во сложувалката“ на новиот Охрид. Екипата на Борис Ројевиќ е во потрага по голман за својот проект за сезоната 2025/26, а се чини дека изборот е веќе направен. Клубот покрај езерото се договори со легендата на египетскиот ракомет, Карим Хендави.

Поранешниот голман на Еурофарм Пелистер треба да пристигне на потпис во Македонија месецов и од крајот на јули ќе му се стави на располагање на новиот стручен штаб на Охрид. Карим Хендави доаѓа во Македонија од Ал Сафа во египетскиот шампионат. 

На клупски план 36-годишниот Хендави претходно настапуваше за Доброгеа Суд (Романија), Бешикташ (Турција) и Замалек (Египет). Со селекцијата на Египет ги освои африканските шампионати во 2016 и 2020 година.

Охрид веќе потпиша за следната сезона со Никола Лиапис, Тилен Стрмљан, Иван Иванковиќ и Предраг Вејин.