• Горан Упале
Хрватскиот ракометен голман Мирко Алиловиќ влезе во историјата на Лигата на шампионите, станувајќи играч со најмногу одиграни сезони во елитното натпреварување. Веста за ова извонредно достигнување ја објави неговиот сегашен клуб, полската Висла Плок, на своите социјални мрежи.
Легендарниот голман, кој ја започна својата кариера во Извиѓач, а потоа бранеше за Адемар Леон, Целје, Веспрем и Сегед, влезе во својата 23-та сезона во Лигата на шампионите. Според полскиот клуб, никој пред него не успеал да постигне таква долговечност на највисоко европско ниво.
До почетокот на оваа сезона, Алиловиќ беше изедначен со француската ракометна легенда Никола Карабатиќ.
Алиловиќ го бранеше голот на хрватската репрезентација од 2008 до 2022 година. Со Хрватска освои сребро и бронза на Светско првенство, два сребрени и два бронзени медали на Европско првенство и бронзен медал на Олимписките игри во Лондон во 2012 година.





