Легендарната Нора Мерк тргнува по седмата европска круна

Норвешкиот ракометен феномен, Нора Мерк тргнува по својот седми трофеј од Лигата на шампионите, сега во дресот на Есјберг. Две скандинавски и две унгарски екипи ќе се бодат за европската круна во Будимпешта, а се очекува рекодна поддршка за унгарските екипи, бидејќи предвидувањата одат до таму, дури 20.000 луѓе да ја наполнат „МВМ Дом“ викендов.

„Лигата на шампионите ја играм од мојата 18-та година и знам што значи овој трофеј, но не се оптоварувам со императивот за победа годинава, иако гледам дека на тимот многу му значи европската титула“, рече 32-годишната Мерк.

Дански Есбјерг ќе игра против дебитантот ФТЦ, во чии редови има две екс-вардарови ракометарки, Андреа Лекиќ и Драгана Цвијиќ. Бранителот на титулата, Виперс Кристијансанд од Норвешка, ќе се соочи против Ѓер, што е реприза на ланското финале.

Играјќи во Романија, Унгарија, Норвешка и Данска, Мерк стана европски шампион во 2011, 2017, 2018, 2019, 2021, 2022 година.