• Мартин Танасковски
Кирил Лазаров го освои првиот трофеј со Алкалоид. Во финалето од Купот на Македонија, тимот славеше над Еурофарм Пелистер по изведување на пенали (22-22, 25-23) и така се искачи на тронот во натпреварувањето по првпат во историјата.
По мечот, тренерот на Алкалоид не ги криеше емоциите за постигнатиот успех. Им честита на играчите за големите победи над Вардар и Еурофарм Пелистер, но истовремено предупреди дека мора да се остане цврсто на земја и да се работи напорно по овој успех, затоа што само така може да се дојде до уште поголеми резултати.
„Сакам да им честитам на Еурофарм Пелситер за фер и коректната борба цели 60 минити. Победивме една екстра-квалитетна екипа, со екстра-квалитетни поединци и колектив и посебно сум горд на моите играчи. И тоа не само денес, туку и на полуфиналето со Вардар. Кажав и претходно дека сме аутсајдери, но ја чувствувам екипата дека е во нагорна линија, полна со самодоверба, која што знае во секој момент што треба да прави и како да се однесува на теренот како што треба во момент, иако затаивме на моменти затоа што имаме многу млади македонски играчи. Да се победи Вардар и еден Еурофарм Пелистер, не сакам да се фалам, но е навистина тешко. Ама секаде во Куповите имало изненадувања, се случи и тука, но мислам и дека заслуживме да дојдеме до овој успех кој ќе биде поттик за нас да работиме уште повеќе.
Знам дека ќе биде тешко после ова, затоа што следната сезона ќе мислиме нешто, но ние како стручен штаб ќе имаме доста работа. Од една страна сум среќен, од друга страна сум доста претпазлив затоа што имам доста искуство како играч. Но, важно е што децата напредуваат и тоа ме радува“, изјави Лазаров.
Алкалоид до крајот на сезоната го чекаат уште два натпревари во кои ќе го брани третото место на кое се наоѓа сега, а носи место во Европската лига на ЕХФ.