Лазаров: Тешко е да убедиш млади момчиња дека може да се носат со подобри од себе

Екипата на Алкалоид по првиот трофеј во Купот на Македонија дојде до уште едно одличје. „Сините“ од Автокоманда го победија Еурофарм Пелистер во Суперкупот на Македонија кој е увертира за новата домашна сезона.

Тренерот Кирил Лазаров под импресии говореше по крајот на средбата во салата „26 Април“ во Гевгелија. Македонската легенда им честита на избраниците за изданието и за втората победа во низа над далеку поскапиот ривал.

„Реалната слика е дека Еурофарм Пелистер е подобра екипа од нас. Одигравме квалитетно, посебно во првото полувреме. Голем хендикеп за нив беше црвениот картон на Кузмановски. Среќен и горд сум на моите играчи.

Тешко е да убедиш млади момчиња дека може да се носат со подобри играчи и тоа е најголемата сатисфакција за мене и мојот стручен штаб. Максимален респект кон Еурофарм Пелистер и цела Битола која има одлични навивачи. Голем успех за нас како млад тим“, изјави Лазаров.

Новата сезона во македонскиот ракомет стартува за време на викендот. Алкалоид го чека натпревар против Вардар 1961 во салата „Автокоманда“ на 8 септември.

Најнови вести од
Суперкуп на Македонија, Македонија