Лазаров со пораз во Куп-финалето од ПСЖ стави крај на блескавата кариера!

Ракометниот клуб Пари Сен Жермен го впиша вториот овосезонски трофеј од домашната сцена, откако во големото финале од Купот на Франција пред својата публика со убедливи 31-36 го совлада составот на Нант, на последниот натпревар на македонската легенда Кирил Лазаров. 

Големото дерби на двете најдобри француски екипи започна со квалитетна и израмнета игра. Нант имаше решение за секој налет на шампионот, но како одминуваа минутите во првиот дел, така ПСЖ фаќаше ритам, а предводник беше холандскиот ас Стејнс. Еден од најниските бекови во вистински момент го разигра својот тим и ѝ направи многу проблеми на противничката одбрана, а тоа донесе сигурно водство на ПСЖ на полувреме од пет гола разлика (13-18).

Холандскиот ас беше расположен за игра и на стартот од вториот дел, но овој пат на неговиот пат застана фантастичниот Робин. Голманот на Нант во вистинско време влезе во серија и со неколкуте одбранети зицери во низа им овозможи на своите соиграчи лесни голови и водството на ПСЖ почна да се топи. 

Во нападот на Нант се приклучи и нашиот Лазаров, но ПСЖ брзо се созеде и ја врати комотна предност. Во последните десет минути се влезе со плус шест за домашниот тим, по што беше јасно каде ќе заврши трофејот. На крај ПСЖ славеше победа од 31-36.