Лазаров со гол за победа и меч за титула, шокантна елиминација на ПСЖ!

Многумина очекуваа дуел на најдобрите две екипи во Франција во финалето, меѓутоа за титулата во Лига Купот ќе се борат екипите на Шамбери и на Нант, кои ги прескокнаа полуфиналните пречки на Ф4-турнирот наречени ПСЖ и Монпелје.

Како и секогаш кога ПСЖ игра на домашната сцена важи за огромен фаворит. Меѓутоа во мечот со Шамбери, играчите на Раул Гонзалез си создадоа голем проблем и доживеаја голем пораз кој ги остави без еден од домашните трофеи. По првиот дел ПСЖ губеше со три гола (13-16), кои Шамбери вешто ги бранеше во вториот дел и стигна до победа од 29-28. Трита и Костоја беа најдобри кај Шамбери, голманот Портнер нанижа десет одбрани, додека кај ПСЖ најистакнат беше Микел Хансен со вкупно седум гола.

  • Шамбери - ПСЖ 29-28:

И капитенот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров заедно со неговиот Нант ќе игра во финалето затоа што го победи Монпелје на гости (26-27) во луд натпревар. Овој натпревар беше крајно изедначен и драматичен и се решаваше во последните секунди. Монпелје имаше предност од 26-24, ама Нант даде три гола во низа за голем триумф.

  • Нант - Монпелје 27-26:

Лазаров полуфиналниот натпревар го заврши со два гола од шест обида, но вреди да се напомене дека тој го постигна клучниот гол за победа од 26-27 на 18 секунди пред крајот. Најдобар беше Валеро Ривера со осум реализации, а кај Монпелје, Јанис Лене даде шест гола.

Финалето е на програмата утре попладне во 16:00 часот, во арената во Мец.