Лазаров со четири голови му помогна на Нант да слави кај Горење во ЕХФ Купот

Ракометарите на Нант ја запишаа и втората победа во ЕХФ Купот, со што се израмнија на првата позиција со Магдебург, а веќе во следното коло Лазаров ќе се сретне со Кузмановски. Денес Французите на гости стигнаа до лесен триумф над Горење од 28-35, а Кирил Лазаров со четири голови помогна во победата. 

Уште од стартот гостите отворија подобро и по десетина минути игра веќе имаа солидна предност, која движеше околу четири и пет голови предност. До паузата Нант целосно го разби домаќинот, а на два наврати водеше со највисоки +8, додека на полувреме заминаа со 12-19. 

Горење ги консолидираше своите играчи и во вториот дел прикажа многу повеќе отколку во првиот. Словенечкиот тим со неколку мини серии се врати и на два голови негатива, но тоа беше се што добија од овој дуел. Искуството на Нант се покажа како пресудно, па во финишот одново гостинот дојде на висока позитива. 

Валеро Ривера беше најефикасен играч на средбата со девет погодоци, додека кај Горење еден помалку постигна Вердинек.