Лазаров и Нант поразени кај лидерот, ПСЖ остана максимален во Франција

Ракометарите на Пари Сен Жермен го добија дербито со второпласираниот Нант со 34-28 (19-15), во рамките на 20. коло на Старлигата. Избраниците на Раул Гонзалез останаа максимални и ја запишаа 20. победа оваа сезона против екипата во која настапува Кирил Лазаров. 

Уште од стартот парижани не си дозволија изненадувања, имаа резултатска контрола и беа во добра позиција. На полувреме водеа со четири гола предност (19-15), а, иако Нант се обидуваше да се врати во продолжението, немаше сили. На крајот ПСЖ победи со шест гола предност во однос на ривалот. 

Македонскиот селектор и капитен Кирил Лазаров запиша три гола од седум обиди. Со седум погодоци најкорисен на паркетот беше Недим Ремили, а шест даде Камил Сипрак. Кај Нант пет пати стрелаше Мине, додека еден помалку постигна Бриет. 

Винсен Жерар блесна меѓу стативите на парижани и со шеснаесет интервенции го отпиша гостинот, додека кај Нант голманите имаа вкупно девет, Нилсен три и Робин шест интервенции.