Барса го надигра Нант и ќе игра за десетта титула во ЛШ!

Ракометарите на Барселона обезбедија место во финалето на Лигата на шампионите, откако со 31-26 (15-13) го исфрлија Нант. Натпреварот во „Ланксес Арена“ во Келн речиси во целост им припадна на каталонците, па иако Кирил Лазаров и соиграчите имаа свои моменти, загубија и ќе играат во „малото финале“ со ПСЖ. 

Барса отвори добро, веднаш поведе со 3-0 и имаше резултатска контрола уште од стартот. Нант се врати во средината на првиот дел, дојде до минус еден во неколку наврати, ама на пауза губеше со 15-13. 

Француската екипа одлично го отвори вториот дел, ја анулира негативата и првпат дојде до егал (17-17). Сепак, Барселона искусно одговори на тоа со серија од 3-0 со која пак дојде во поволна позиција. Со уште две мини-серии, шпанскиот гигант дојде на огромни шест голови позитива, предност која до крајот им дозволи полесна игра и убедлива победа. 

Најпрецизен играч на натпреварот беше Ривера со шест реализации, а кај Барса беа Дика Мем и Абељо Гомес со по пет погодоци, додека четири даде Јуре Доленец. Лазаров даде два погодоци за својот Нант.