• Мартин Танасковски

Ракометната репрезентација на Македонија имаше успешен старт на квалификациите за Европското првенство (ЕП) кое се игра во 2028 година. Нашиот национален тим го победи Луксембург (41-23) во првиот меч кој се одигра во Скопје. Очекувано, македонските ракометари демонстрираа моќ против аутсајдерот во групата и си ја завршија домашната задача, пред вториот квалификациски дуел против Грција кој се игра на гостински терен за неколку дена.
По натпреварот во Скопје, селекторот Кирил Лазаров не го криеше задоволството од играта и резултатот, но и фактот дека успеал да ограничи минутажа кај носителите на играта кои ќе бидат потребни за квалификацискиот дуел со јужниот сосед.
„Задоволен сум од момците како пристапија кон мечот и нивниот ангажман. Немавме доволно време, но сработивме добро. Мораше да почекаме да се одморат и играчите по македонското дерби, имавме и нов играч кој за првпат беше во тимот и мораше да го вклучиме во тимот. Го искористивме максимално времето. Задоволен сум од тоа како системски напаѓавме, секогаш може подобро, може и полошо, но генерално задоволен сум. Мислам дека заштедивме и сили, со оглед на тоа што е тек на сезона, а играчите доаѓаат од клубови со силни натпревари, од силни лиги, со Лига на шампиони, Европска лига, Европски Куп. Имаме три дена до мечот со Грција, таму ни следи пеколен меч и одлична репрезентација која ја помина Холандија на патот кон Светското првенство. Ќе пристапиме максимално сериозно, треба да бидеме спремни на сите работи, можни се многу спортски сценарија, така што ќе пробаме психолошки да се спремиме за она што ни следува. Не ми е важен резултатот, туку пристапот и на кој начин игравме. Имавме темпо шеесет минути што воопшто не е лесно за наши македонски прилики, без разлика што се работи за Луксембург. Им честитам на момците за сработеното и она кое го направија на терен“
Следниот квалификациски меч за Македонија на патот кон ЕП 2028 е на гостински терен во Грција, закажан на 8 ноември со почеток од 16:00 часот.





