Лазаров: Синоќа сакав да ги пофалам момците, но денес морам да им укажам на грешките!

Првите вибрации од натпреварот против Словенија во Дебрецин се позитивни и покрај поразот. Со тим кој првпат игра заедно и против себе има една од најдобрите европски селекции, Македонија одигра рамноправно и само детали и неускуство ја делеа од првите бодови на шампионатот. 

По преспиената ноќ натпреварот го анализираше селекторот Кирил Лазаров.

„Намерно не го гледав натпреварот синоќа. Иако владее задоволство и  позитивна атмосфера многу работи што ги договаравме не ги исполнивме. А сепак бевме блиску до ривалот. Синоќа сакав да ги пофалам, но денес морам да им укажам на грешките. Сега имаме видео анализа и состанок и ќе разговараме. Не треба да ги понесат емоциите и треба да се фокусираме на договорот. Сепак, се работи за млада екипа и како поминува времето треба да станат победници и да научат како се победува. Тоа малку ме загрижува, бидејќи на договорени работи ние паднавме. 

Сепак, ми се допаѓа впечатокот, но тоа не смее да не успие. Сакам да бидеме уште подобри и да се дадеме задача како колектив да бидеме подобри против Црна Гора. Не треба да се оптеретуваме со противниците, туку да се концентрираме на себеси. Од нас зависи дали ќе остваруваме добри резултати во иднина или не. Противниците ќе бидат само појаки и појаки, бидејќи сите во Европа работат квалитетно. 

Фокус и концентрација е првото нешто што го барам од играчите. Ме водат и мене емоциите, но имавме премногу индивидуални грешки во краток период. И кај Кузмановски, и кај Талевски, и кај Ѓорѓиев, кај Велковски. Ќе им го пренесам ова на еден позитивен начин и тие треба тоа да си го стават во глава“, заврши Лазаров. 

Попладнево ракометарите ќе тренираат во „Феникс дом“, а утре од 18:00 часот ни следи дуелот со Црна Гора, која исто така загуби на дебито на шампионатот.