• Мартин Танасковски
Кирил Лазаров сега е тренер на Алкалоид, а како играч имаше многу богата кариера во која соблекувалната ја делеше со многу имиња кои оставија трага во ракометот. Едно од нив е Бјарте Мирхол, норвешкиот пивот кој сега е тренер на Рунар Сандефјорд.
Двајцата беа заедно во унгарскиот првак од 2005 до 2006 година. Се познаваат лично, а сега ќе одат еден против друг во Скопје, во европското полуфинале во рамки на ЕХФ Купот. Лазаров очекува супер-интересен дуел и средба со човекот со кој ја делеше соблекувалната, а повеќе пати играа еден против друг во репрезентацијата.
„Со Бјарте Мирхол бевме клупски колеги во Веспрем пред дваесет години, се работи за страшен професионалец. Беше стандарден член на Норвешка и тоа во нивната средина, во јадрото на одбраната, скоро две децении. Се познаваме приватно, како играч го познавам, знам како функционира и знам дека не е површен во неговата работа. Очекувам максимално спремна екипа на Рунар, посебно на тркачки план и технички план. Ние мора да ги намалиме нашите технички грешки на овој меч“, изјави Лазаров.
Натпреварот меѓу Алкалоид и Рунар Сандефјорд се игра во недела од 19:00 часот.