Лазаров: Пред нас е ривал од светски калибар, мора да сме спремни на сѐ

Македонскиот ракометен суперлигаш Алкалоид игра за историја. Младиот тим е во исчекување на првиот натпревар од финалето на Европскиот Куп на ЕХФ, каде игра на гостински терен со грчки АЕК од Атина.

Избраниците на Кирил Лазаров дојдоа до двомеч-битка за трофејот во третото натпреварување на ЕХФ, a станаа петтата екипа од нашата земја која игра едно финале во европски рамки во машка и женска конкуренција. Лазаров истакна дека тимот е спремен за предизвикот, а се посакува позитивен исход пред реваншот пред Скопје.

„Можам да кажам дека сме подготвени, нема што да се лажеме, мораме да сме подготвени кога играме вака важен натпревар. Повторно сме десеткувани, ќе ни недостигаат неколку првотимци, но таа ситуација ја имавме и пред Баја Маре и пред Рунар во Норвешка, така што сме навикнати... Направивме подвиг, во три години колку што постои клубот стигнавме до едно европско финале, пред нас е противник од светски калибар. АЕК има ростер од 23 играчи, од кои 16 се интернационалци, и тоа не било какви, Французи, Португалци, Германци... АЕК веќе го има освојувано овој трофеј, има играно финале, има искуство од играње мечеви за пехар во ова натпреварување.

Знаеме дека ќе имаат поддршка од трибините, дека го преселија финалето во една поголема арена. Се подготвуваме и за една таква атмосфера, се со цел да не подлегнеме на притисокот од трибините. Многу е важно првите 15 минути да ги одиграме онака како што знаеме, да не дозволиме домаќинот да се одлепи. Екипата е подготвена, мотивирана, имаме желба и знаење, можеби сме малку неискусни за финални натпревари, пробуваме да работиме и на тој психолошки план, верувам дека ќе се покажеме во добро светло и ќе стигнеме до резултат каков што посакуваме“, вели Лазаров.

Мечот меѓу АЕК Атина и Алкалоид се игра на 18 мај од 18:00 часот, реваншот на кој ќе се додели пехарот е следниот викенд во Скопје, во СЦ „Борис Трајковски“.