Лазаров: Посакувам две победи против Вествиен во Еврокупот!

Тренерот на Алкалоид Ракомет, Кирил Лазаров, зборуваше со новинарите на прес-конференцијата пред натпреварот од Еврокупот на ЕХФ против екипата на Вествиен од Австрија. 

Лазаров го најави мечот и очекува сериозен пристап од неговите избраници. Здравствениот билтен е прилично поволен, а тренерот смета дека противникот е прилично силен и повика на внимателна игра, без непромислени потези и технички грешки. 

„Вест Виена е тим кој може да се каже е дека е државен проект. Се потпираат на млади играчи и се доста незгодна екипа. На некој начин, тоа е скоро целата младинска австриска репрезентација.

Од материјалите што ги имаме, мислам дека е технички добро подготвен тим, точно знаат што сакаат, добро трчаат и имаат сличен стил на нашиот. 

Јавноста и публиката ќе има можност да проследат два натпревари во период од 48 часа. Се надевам дека навивачите ќе бидат сведоци на две наши победи, но тоа мора да го одработиме на теренот.

Здравствениот биланс е солиден и ќе ги имам повеќето играчи на располагање, со исклучок на повредените Дамјан Митев и Никола Костески“, изјави Лазаров. 

Двата натпревари помеѓу Алкалоид и Вест Виена ќе се одиграат во Скопје, првиот на 29 ноември во 19:00 часот, а возвратниот дуел е закажан за ден подоцна во истиот термин.