Лазаров: Покажавме зрелост против ривалите за трофеите!

Алкалоид по освоениот трофеј во Купот на Македонија како и во Суперкупот имаше одлична увертира на новата сезона. „Сините“ во Автокоманда го победија Вардар 1961 (33-30) во рамки на празничното градско дерби во првата рунда и најавија дека оваа сезона македонскиот шампионат ќе биде супер-интересен.

Тимот на Кирил Лазаров одигра доста зрел и паметен натпревар, а главната разлика која донесе триумф ја направи во второто полувреме кога влезе во серија и постигна четири гола во серија кои потоа константно ги одржуваше.

„Можам да кажам дека сум горд на моите играчи за тоа ашто го направија. Не е лесно, јас никогаш не сум ласкал на некој ако не заслужува. Еурофарм Пелистер и Вардар имаат одлични екипи со сериозни тимови и нема да биде лесно. Тие и во своите европски натпревари ќе прават проблеми на големи екипи.

Горд сум, покажавме зрелост, работевме доста. Можеби сме во подобра форма од двете екипи и победивме. Мислам дека пелистерци одиграа премногу натпревари во подготовките, а Вардар одигра доволно ама имаше една луфта од две недели во кои не играше и немаше ритам. Мислам дека тука е нашата предност која ја искористивме. Имавме залет од освојувањето на Суперкупот, а и денес се покажавме во одлично светло“, изјави Лазаров.

Во следното коло од македонската Суперлига која оваа година се игра во нов систем и брои 12 екипи, Вардар 1961 на домашен терен ќе се соочи со новиот суперлигаш Борец Фруитленд, додека Алкалоид повторно во домашен дуел игра со Радовиш. Мечевите од втората рунда се играат следниот викенд.