Лазаров: Победата над Гвинеја ни е потребна, нема да калкулираме

Македонија не успеа до подвиг во вториот дуел од Светското првенство (СП) и доживеа пораз од брзата Холандија. Тешко беше да се парира на брзата игра, но и против 12-те пенали кои ги добија „лалињата“.

Ден по тешкиот дуел следи одмор, а нареден предизвик е Гвинеја. Селекторот Кирил Лазаров ја најави средбата за која кажа дека мора да се добие, затоа што е клучот за место во наредната фаза.

„Натпреварот со Гвинеја ни е од круцијално значење. Мораме да се мобилизираме и да го добиеме натпреварот. Нема да калкулираме воопшто, победата ни е потребна за пласман во втор круг. Можеби сме фаворити на хартија, но со оглед дека имавме две тешки и исцрпувачки дуели, очекувам тежок натпревар.“, изјави Лазаров.

Македонија во последната рунда од првата фаза на СП 2025 ќе игра против дебитантот Гвинеја и со победа или реми ќе се пласира во наредната фаза каде би пренела еден бод заради ремито со Унгарија.