Лазаров пак одличен, Нант лесно го совлада Трембле во Париз

Ракометарите на Нант ја продолжуваат серијата на победи во месец ноември, откако вечерва во Париз извојуваа лесна победа против Трембле со 33-45 (16-23) во рамките на 10. коло на францускиот шампионат. 

Македонскиот интернационалец, Кире Лазаров максимално ја искористи минутажата и запиша шест гола и скоро уште толку асистенции. Гостите од Нант водеа во текот на сите 60 минути, а во голем дел од вториот дел тренерот Анти имаше можност и да ги заштеди најдобрите за мечот со Висла в сабота.

Најефикасни поединци во таборот на Нант беа Белегер со 8 и Турне со 7 гола, а нашиот Лазаров постигна 6 гола. Кај домашниот Трембле најефикасни беше Шеваљевиќ со 6 постигнати гола.

Во останатите натпревари играни вечерва, лидерот ПСЖ изненадувачки загуби од Аикс со 33-31, Шамбери освои цел плен во Рен, а Сант Рафаел минимално триумфираше во Саран (27-28). Утре колото се затвора со дуелот на Монпелје и Тулуз.