Лазаров: Одиме по потешкиот пат, но нема изговори – ќе бркаме победа на секој меч!

Ждрепката во Будимпешта ни донесе соочување со Данска и на следното Европско првенство, кое следниот јануари ќе се одржи во Унгарија и Словачка.

Покај светскиот и олимпискиот шампион наши ривали во групата Ф ќе бидат Словенија и Црна Гора, а селекторот Кирил Лазаров за Gol.mk вели дека нема потреба да се оптоваруваме со противниците, туку потребно е добро да се подготвиме за овој собир.

„Одиме по потешкиот пат, но нема изговори. Зависиме од самите себе и од тоа колку ние ќе успееме да се подготвиме на посакуваното ниво до јануари. Противниците се тие што се, нема многу да се оптоваруваме на нив. Ќе се подготвуваме максимално и на секој натпревар ќе одиме на победа. Ми се допадна една изјава на еден од нашите лидери во репрезентацијата, Никола Митревски кој рече: „Ако играме како што умееме, не е важно кој ќе ни биде ривал. Веќе од утре почнуваме со подготовки за ЕП“, ни изјави Лазаров.

Европското првенство на програмата е од 13 до 30 јануари, а Македонија првата групна фаза ќе ја игра во Дебрецен.