Лазаров: Не се делиме на млади и стари, се радуваме на новото ЕП

Ракометната репрезентација на Македонија ќе игра на ново Европско првенство (ЕП) откако ја совлада Грција (27-23) и како лидер во групата патува на континенталниот собир. По натпреварот во Струмица со јужниот сосед, капитенот Кирил Лазаров истакна дека важен е пласманот на собирот.

„Среќни сме затоа што обезбедивме место на ново Европско првенство. Но, ова не беше најдоброто од нас, затоа што можеме и мораме подобро. Првото место ќе ни донесе и подобра ждрепка, ако може тоа такада се нарече. Имавме различен состав на последната средба. Ако направиме анализа и Франција е млада и Германија е млада. Младите брилјираат во своите клубови, тоа го зборувавме и пред натпреварот. Не се делиме на млади и стари, туку на добри и лоши. Притисок треба да има, за да успееме“, изјави Лазаров.

Македонија поради лидерското место во групата ќе има и подобра ждрепка, затоа што ќе ги чека ривалите од вториот шешир. За нашиот национален тим ова е петто Европско првенство во низа, или шесто во историјата.