• Горан Упале
Селекторот Кирил Лазаров од срце им честиташе на своите избраници за одиграната партија против Португалија и големото реми против ланскиот полуфиналист на Светското првенство. Македонија одигра фантастичен натпревар против фаворизираниот противник и ремито од 29-29 не остави во игра за пласман во втората фаза на Европското првенство.
По трилер-завршницата во Хернинг, селекторот не сакаше да каже што му лежи на душа, но истакна дека беше многу тешко да се води овој натпревар, пред се поради повредите на двете леви крила и црвениот картон на Маркоски.
„Не знам дали смеам да кажам што ми е на душа затоа што имам многу што да кажам. Мора да бидеме претпазливи да не навредиме некого. Јас и пред почетокот на првенството во една изјава кажав дека ние сме мала земја, во моментов многу сме деградирани, не е лесно да играш против светски велесили. Ова не е алиби, видовте сами, тоа е така. Во иднина ќе биде многу тешко да се бориме со вакви работи. Јавноста сака ракомет, ни дава поддршка, сакам да им честитам од душа на сите играчи што успеаја да парираат со полуфиналистот на минатото Светско првенство. Против екипата која се бореше за медал и тука дојде по злато, направивме голема работа, знаејќи дека во првиот дел ги загубивме двете леви крила и моравме да комбинираме. Исто така го загубиме и најискусниот играч со црвен картон, кој во вакви мечеви многу му помогнал за националниот тим. Сите концепти ни се растурија, настана мал хаос пред крајот на првиот дел. Пробавме да го средиме тоа за време на полувремето, не почна вториот дел како што треба, но успеавме да ја најдеме формулата и со голема борба, пожртвуваност и верба, стгинав,е до резултат.
Околу математиките, може да ги прашате нашите играчи дека пред мечот со Данска им реков - давајте максимум, борете се за секој гол, борете се разликата, може да ни решава таа разлика, може да играме нерешено со Португалија. Тоа и се случи. Загубивме многу енергија, многу емоции, нашата врела македонска крв, треба малку да се смириме сите, да пробаме да отспиеме. Нема да тренираме пак, го откажуваме и тој тренинг, да се одмориме. Да видиме каква е ситуацијата со повредените, посебно левите крила и да видиме што и како ќе ни треба за тоа место кое води во следната фаза. Нас ни е првата цел да ја осигураме победата со Романија, мора да го спремиме мечот добро, а втората работа е да играме гол за гол и да бидеме концентрирани да добиеме со што е можно поголема разлика. Безобразно е да се прави математика со каква разлика ќе победиме. Нивниот таргет е Македонија, спремни се да одат во борба и очекувајте фајтерски меч во вторник.
Да не се случеше тоа што се случи со повредите и исклучувањето на Маркоски, да не претерам и да звучам некултурно и преоптимистички, ќе го добиевме мечот. Две леви крила ни се повредија на пет минути, треба да измислите „топла вода“ да ја продолжите играта со таа одбрана... Тоа е тоа, жал ни е, ама ќе се бориме до крај и ќе го дадеме максимумот, па што и да се случи“, рече Лазаров.
Вторник е одлучувачкиот ден за нашата селекција, а дуелот со Романија е закажан за од 18:00 часот.





