Лазаров: Не е срамота да загубиш од Словенија, но тешко да го држиш Македонецот „на земја“ по успех

Ракометната репрезентација на Македонија го забележа вториот неуспех во квалификациите за Европското првенство. Нашите ракометари загубија од десеткуваната Словенија во Скопје со 26-32, иако одигравме речиси перфектен прв дел и водевме со шест гола. 

По натпреварот селекторот Кирил Лазаров го анализира одиграното. Тој ги посочи добрите, но и лошите страни во нашата игра против квалитетниот ривал. 

„Треба да преспиеме и да анализираме, одигравме перфектни 20 минути и не заслуживме само еден гол предност на полуверме. Добро ќе анализираме, момците играа прецизно во напад и одбрана. Во голем дел од мечот Словенија беше немоќна, ама нашите момци беа разочарани по исходот на првиот дел. Се обидовме да им укажеме дека не треба да жалат за тоа што можевме да имаме повеќе предност.

Во второто полувреме имавме проблем на централната позиција во одбраната. Црвениот картон ни беше проблем, бевме приморани да играме со Павле Атанасијевиќ на неприродна позиција и тоа беше пех. Во последен момент Никола Маркоски отпадна од составот поради повреда, кој е искусен и важен за нас на вакви натпревари.

Нашата цел е Европското првенство. Сигурно дека ќе жалиме утре, иако бев резервиран пред мечот. Македонец по забележителен успех е тешко да го држиш свесен и трезвен. Ова е добра лекција за нашиот менталитет. Ние само се повторуваме, не знаеме како Македонци да бидеме константни во повремените успеси. Треба да се работи на менталниот склоп“, изјави Лазаров.

Секако, предводникот на ракометната селекција го најави и возвратниот натпревар.

„Одиме да се надигруваме в недела, ќе ги анализираме нашите грешки кои ги имаше. Можеби во првиот дел толку одеше добро и не сакав да ротирам особено во офанзива бидејќи Кузмановски и Митев беа перфектни. Не е срамота да се загуби од една Словенија. Нас пак ќе кажам, целта ни е пласманот на шампионатот. Освен овие дуели, има притисок дека против Естонија и Литванија ќе решаваат во мај. Ќе се поставиме сериозно за тие средби“, заврши селекторот.

Време за одмор нема, Македонија веднаш мора да се насочи кон вториот натпревар против Словенија. Возвратниот меч во Копер се игра в недела.