• Саше Љолес
Селекторот на ракометната репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров, направи една промена во составот за квалификацискиот натпревар против Литванија.
Македонија ќе се обиде да извојува втора победа, овој пат на гостински терен, а во екипата ќе има едно ново име. На местото на Мартин Томовски ќе влезе талентираниот Иван Галевски, кој прикажува одлични партии во неговиот Алкалоид.
Галевски не беше во составот за натпреварот со Естонија на домашен терен, но сега ќе биде во ротацијата на Лазаров и веројатно ќе добие минутажа на натпреварот против Литванија. Галевски имаше маестрални настапи во младинските селекции, па за очекување е дека во иднина ќе има посериозна улога и во сениорска конкуренција.
Македонија ќе ги одмери силите со Литванија во вториот квалификациски натпревар за Европското првенство, а почетокот е закажан за 17:00 часот.