Лазаров најдобар на терен, со „деветка“ го почести Трембле

Капитенот на македонската репрезентација Кирил Лазаров имаше одличен натпревар за Нант во францускиот шампионат, во победата на Нант над Трембле (39-20).

Домаќинот важеше за голем фаворит, па ја оправда улогата. Нант водеше цела средба, а Кире беше прва виолина на теренот. Нашиот капитен натпреварот го заврши со девет постигнати гола и ефикасност од 82%.

По него следеше Валеро Ривера со осум гола, а одличен беше и голманот Нилсен со 22 одбрани. Кај Трембле, Боргес даде четири погодока.

За Нант ова беше четврта победа во пет кола во францускиот шампионат и тимот се наоѓа на второто место на табелата, веднаш зад лидерот ПСЖ.