Лазаров: Надежта не смее да ја загубиме, но нескромно е да бидеме оптимисти

Ракометната селекција на Македонија одново немаше среќа во ждрепката и на Европското првенство во јануари следната година ќе се судри со два светски гиганти. Во групната фаза нашите ракометари пред себе ќе ги имаат моќните Франција и Германија, како и секогаш незгодната Швајцарија.

Селекторот Кирил Лазаров вели дека групата е екстремно тешка и дека ним им преостанува да работат напорно за да можат достојно да се борат со светските велесили.

„Добивме екстремно тешка група и ќе работиме напорно да го подигнеме нашето ниво во наредниот период, да можеме барем достојно да се бориме со светските велесили во ракометот. Би звучело нескромно да се биде оптимист во ваква група, но надежта не смее да се загуби.

Потребна е голема жртва и посветеност, создаваме нова компетитивна смена на генерации. Верувам во момците и очекувам да дојдат резултати од нашата работа“, рече Лазаров.

Во првото коло Македонја ќе игра против Франција, потоа следи дуел со Германија, додека во последното коло ќе се судриме со Швајцарија.