• Горан Упале
Попладнево беше извршена ждрепката за баражот за следното Светско ракометно првенство. Нашиот национален тим ќе го скокне првиот филтер, а во вториот ќе се судри со подобриот од двомечот меѓу селекциите на Украина и Словачка.
Првите реакции од нашиот табор беа реални и оптимистични. Селекторот Кирил Лазаров повика на претпазливост и сериозен пристап, баз разлика против кој ривал ќе играме.
„Треба да бидеме задоволни од ждрепката. Напорно работевме за да дојдеме до моментот да бидеме во групата на носители и сега сме на добар пат да обезбедиме ново учество на голем настан и да ја продолжиме традицијата на успеси.
Мораме да бидеме сериозни и професионално да се однесуваме. Имаме максимална почит кон националните тимови на Украина и на Словачка. Наскоро ќе дознаеме и точно против која репрезентацијата ќе играме, но ние мора уште од сега треба да направиме добар план и подготвени да ги дочекаме тие два натпревари во мај“, изјави селекторот на репрезентацијата на Македонија.
Двомечот ќе се игра на 13/14 и 16/17 мај 2026 година. Победникот по двата меча ќе се пласира на Светското првенство, а Македонија ќе се обиде да стигне до својот десетти настап на Светските првенства.
