Лазаров: Ме бараа Хрватска и Унгарија, но тоа ќе значеше „предавство“ за Македонија

Професионалната кариера како ракометар за Кирил Лазаров заврши со последните два натпревари во дресот на Нант. Еден од најдобрите играчи на сите времиња му кажа збогум на спортот со кој испиша историја на клупско и репрезентативно ниво.

Во разговор со „Мундо Депортиво“, нашиот великан зборуваше и за обидите на Хрватска и Унгарија да го ангажираат за нивните репрезентации. На тие барање тој секогаш давал негативни одговори и никогаш не сакал да го направи тоа „предавство“ кон македонската нација.

„Тоа беа понуди кои не ги чувствував на вистински начин и не бев мотивиран. Сигурно дека со тие репрезентации ќе освоев и медали. Но, тоа ќе беше предавство за мојата земја и поради тоа никогаш не прифатив“, изјави Лазаров.

Македонскиот „бомбардер“ заминува како најдобар стрелец во историјата на Лигата на шампионите и со многу други голгетерски рекорди со кои ја одбележа богатата кариера.