Лазаров: Македонскиот дрес го носам гордо, кариерата ќе ја завршам во Нант!

Најдобриот македонски ракометар, Кирил Лазаров, се најде во фокусот на колегите од „Независне“, кои напраивја интервју со капитенот на машката ракометна репрезентација и разговараа на многу теми.

Лазаров е еден од најдобрите десни бекови во светот, едно од најеминентните имиња во Лигата на шампионите, па затоа секогаш е во фокусот на вниманието. Трофеите му се заштитен знак, велат од „Независне“, но го запраашаа Лазаров дали го боли што нема голем успех со Македонија.

„Неколку пати бевме блиску до полуфинале. Националниот дрес го носам од 1997 година и истиот ме прави посебно горд. Македонија е ракометна земја, мора да го негуваме тоа. Луѓето го сакаат овој спорт. Верувам во чуда и тежнеам кон такво нешто. Имаме нови талентирани генерации и на кои им е потребна нашата помош. Мојата земја направи многу за ракометот во изминатата деценија, во иднина ќе биде уште подобра. На народот кој сака ракомет не смееш да му го скратиш задоволството“, вели Лазаров.

Со оглед на тоа што веќе е на залезот на кариерата, Лазаров доби прашање каде ќе се пензионира. Одговорот беше во Франција.

„Ќе ја завршам кариерата во Нант, тоа е сигурно. Потоа скоро сигурно ќе останам во спортот, поточно во ракометот. Имам неколку опции во глава, а времето ќе покаже за која ќе се одлучам“, дециден е Кире.

Најискусниот македонски репрезентативец го опиша својот пат од Свети Николе, до врвот на светскиот ракомет.

„Патот беше долг, трнлив, со многу голема жртва. Тоа не може да се опише во неколку реченици. Само моите најблиски ја знаат вистината, каква жртва дадов за да стекнам ваква кариера. Искрено малку ме пратеше и среќата, но истата треба и да ја заслужиш. Најважно е да одиш по патот кој што си го зацртал. Тврдоглав сум, не се откажувам од нештата лесно. Не знам дали тврдоглавноста е позитивна работа, но кога ќе се собере и одземе се, одев чекор по чекор. Се консултирав секогаш со луѓето околу, но одлуките ги носев сам“, открива Лазаров.

Целосното интервју на Лазаров можете да го прочитате ОВДЕ.