• Иван Димовски
Со натпреварот во Данска против Бјерингбро-Силкеборг, екипата на Алкалоид ќе влезе во вториот дел од групната фаза во Европската лига на ЕХФ. Досегашниот скор не е сјаен, реми и два домашни порази, меѓутоа младиот колектив од Скопје имаше светли моменти.
Сега пред избраниците на Кирил Лазаров е веројатно најтешкиот предизвик во групата, гостувањето кај Силкеборг во Скандинавија. Пред мечот, предводникот на тимот ги изнесе своите очекувања.
„Бјерингбро – Силкеборг покажа дека е фаворит број еден во нашата група и во моментов е најквалитетен тим. Ние ќе одиме во Данска да се надигруваме. Тој меч треба да ни послужи за собирање на ново искуство што треба да го искористиме за тоа што нѐ очекува во иднина. Се надевам дека ќе имаме подобра реализација и во реваншот ќе покажеме поголема борбеност и поголема мотивираност“, изјави Лазаров.
Нема сомнеж дека сите овие европски натпревари се добредојдени за Алкалоид. Голем дел од тимот првпат се најде на европската сцена, па мора да се собира искуство преку тешките натпревари.
Дуелот меѓу Силкеборг и Алкалоид во вторник се игра во терминот од 20:45 часот.