• Иван Димовски
Ракометарите на Алкалоид со втора победа против Вест Виена се пласираа во осминафиналето на Европскиот куп на ЕХФ. Вториот меч беше потесен од првиот, македонскиот тим го доби со 29-32 против номиналниот домаќин во „Автокоманда“.
По средбата на прес-конференцијата се обрати тренерот Кирил Лазаров, кој го анализира двомечот. Тој призна дека целта е остварена, ама делумно е незадоволен од дел од играчите.
„Најважно од сè ни беше да се пласираме во следната фаза и тоа го остваривме. Игравме против една квалитетна и млада екипа од Австрија која покажа на сите нас како се игра и како се бори до последен здив, на специјален и модерен начин. Ми се допадна нивниот менталитет, дека не се предадоа во ниеден момент, иако првиот дуел го загубија со 11 разлика. Им дадов шанса на сите играчи во овие два натпревари, знаев дека во моментов сме подобар и поискусен тим, малку и ризикувавме, но треба да знаеме со што располагаме.
Морам да кажам дека сум незадоволен од презентацијата на неколкумина наши играчи, треба да работиме и сите да се свесни дека мора да менуваме стари навики доколку сакаме да бидеме на ниво кое јас како тренер го посакувам и ние како клуб Алкалоид го посакуваме. Загрижен сум, затоа што во иднина нè очекуваат потешки натпревари. Околу следната фаза, не ги знам сите имиња на можните ривали. Но, од оние кои се тука, скандинавските екипи ни се непознаница, би сакал да го избегнеме Олимпијакос, но ќе видиме кога ќе ја добиеме целата листа“, изјави Лазаров.
Алкалоид противникот за осминафиналната фаза ќе го добие на ждрепката закажана за трети декември (вторник).