• Мартин Танасковски
Ракометната репрезентација на Македонија доби група во која може да се надигрува на Светското првенство (СП) кое следната година во јануари ќе се игра во Хрватска, Данска и Норвешка. Наши ривали се Унгарија, Холандија и Гвинеја.
Селекторот Кирил Лазаров даде коментар на ждрепката за новиот ракометен Мундијал на кој Македонија го продолжува континуитетот на големите настани кој трае од 2012 година.
„Од прв и втор шешир добивме доста квалитетни репрезентации. Секако дека можеше да добиеме уште поквалитетни противници, но треба да бидеме задоволни пред се со фактот дека ќе играме во Хрватска во Вараждин и ќе имаме огромна поддршка од нашите верни навивачи. Сите имаме добри спомени од Вараждин и се надевам дека повторно ќе биде така. Имаме доста време да се подготвиме квалитетно за Светското Првенство“, изјави Лазаров.
СП 2025 ќе се игра во средината на јануари, а прв натпревар за нашиот национален тим е против Унгарија закажан на 15 јануари. Потоа ни следи Холандија (17 јануари), додека крајот е резервиран за Гвинеја (19 јануари). Трите најдобри селекции во групата одат во следна рунда, последниот игра Президент Куп.