Лазаров има блескав биланс: Четири победи од пет меча над Пелистер и Вардар

Ако Еурофарм Пелистер и Вардар 1961 низ изминатите сезони се издвојуваа како главни фаворити за тронот во мак-ракометот, од оваа сезона според почетокот ќе имаме и трет тим во играта за титула - Алкалоид.

Младиот тим на Кирил Лазаров имаше одлична увертира на новата сезона, затоа што во првата рунда го победи Вардар во градското дерби. Алкалоид одигра крајно дисциплиниран меч и предводен од „моторот“ Марко Митев кој уште еднаш докажа дека е над сите во оваа лига, дојде до неверојатна победа.

Заслугите одат кај играчите за овој успех, но и кај тренерот Кирил Лазаров. Во ланската сезона Алкалоид го освои Купот на Македонија што беше прв трофеј во витрините, а на стартот на оваа, пред гореспоменатата победа со Вардар, се освои и Суперкупот на Македонија. Со овие резултати, се дојде и до резултат како што никој не направил барем во поновата ракометна историја.

Не се случило некој тренер по двапати во пет официјални дуели да ги победи Еурофарм Пелистер и Вардар. Големите имиња на македонскиот ракомет по двапати загубија од Кирил Лазаров како стратег. Трофејните клубови паднаа пред младиот Алкалоид во Купот на Македонија, потоа Суперкупот и на крај во 1. коло на Суперлигата. Победите на „сините“ на последните два меча над Еурофарм Пелистер и Вардар беа со идентичен резултат. Единствениот меч без победа на Алкалоид над Еурофарм Пелистер беше во последното коло од Суперлигата кога „зелените“ се крунисуваа за прваци на Македонија.

  • Последни официјални дуели на Алкалоид со Пелистер и Вардар:

Алкалоид - Вардар 1961 25-24 (пен., полуфинале Куп)
Алкалоид - Еурофарм Пелистер 25-23 (пен., финале Куп)
Еурофарм Пелистер - Алкалоид 32-28 (Суперлига)
Еурофарм Пелистер - Алкалоид 30-33 (Суперкуп)
Алкалоид - Вардар 1961 33-30 (Суперлига 1. коло)

Алкалоид го задржа костурот од лани, а додадена вредност се ангажманите на Марко Кизиќ кој блесна на голот во Суперкупот, потоа Никола Костески кој беше меѓу најдобрите стрелци на сите средби досега, како и Португалецот Фрациско Оливеира е Силва кој е поливалентен бек и младиот Михаил Ивановски кој ќе помогне во ротацијата како прекомандуван играч од вториот тим Мулти Есенс.

Ако по утрото се познава денот, ни следи фантастична сезона во македонскиот ракомет и битка за тронот на три екипи.