Лазаров и Нант со три победи го освоија „Шпаркасен Купот“

Ракометарите на Нант го освоија првиот трофеј во новата сезона, откако трета година по ред триумфираа на „Шпаркасен Купот" во Штутгарт. Овој успех се надоврзува на победата во Лисабон против Бенфика пред една недела. Вчера Лазаров и другарите го надиграа данскиот Есбјерг и бундеслигашот Штутгарт. Денес Нант извојуваа тесна победа над Гепинген со 27-26 (16-13) и потврди дека уште во август делува спремно за новата сезона.

Целиот тим на Тјери Анти функционираше беспрекорно, водеше од првата минута и потврди дека влегува во вистинска форма. Целта е екипата добро да се подготви за „Трофејот на шампионите" на почетокот од септември. Ова натпреварување, кое е еден вид на Суперкуп на Франција, Нант го освои минатата сезона.

Одлично во новата средина се вклопи повратникот Валеро Ривера, кој ова лето од Барселона пак се врати во Нант.