Лазаров и Нант се прошетаа низ Тулуз и се осамостоија на втората позиција

Македонскиот ракометар Кирил Лазаров и неговиот Нант запишаа гостинска победа кај Тулуз (25-32) во 21. коло од францускиот шампионат.

Минатогодишниот европски вицепрвак со бодовите се осамостои на втората позиција со заостанување oд шест бода зад лидерот и големиот фаворит за титулата ПСЖ.

Гостите одлично го одиграа првиот дел и си ги отворија вратите за победа во пресрет на вторите 30 минути. Перфектната игра во напад им донесе предност од 13-18, која што прерасна во +7 на крајот од натпреварот.

Валеро Ривера приреди вистински рецитал и ги реализираше сите седум удари кои ги упати кон противничкиот гол. Нашиот репрезентативен капитен беше автор на два гола. 

Во дербито на колото, „светците“ на Раул ја потврдија доминацијата во првенството. ПСЖ славеше против големиот конкурент Монпелје со 33-26 и се наоѓа на чекор до одбрана на титулата. 

Уве Генсхајмер со осум гола беше прво име меѓу стрелците, но епитетот - играч на натпреварот му припадна на Винсент Жерард кој собра 19 интервенции, но и тие не беа доволни за подвиг на европскиот првак Монпелје.